Иран ги предупреди САД, Велика Британија и Франција дека нивните бази и бродови во региони ќе бидат напаѓани ако помагаат да се запрат иранските воздушни напади врз Израел, објавија иранските државни медиуми.
Британската влада веќе кажа дека на ниеден начин не го помага Израел во новата воена операција, додека САД признаа дека му помогнаа на Израел во пресретнувањето на иранските проектили и дронови вчера.
„Израел има право на самоодбрана, но за конфликтот мора да се најде дипломатско решение“, изјави британскиот премиер Кир Стармер, изразувајќи загриженост за иранската нуклеарна програма, која е главен повод за израелската акција.
Израел и Иран од вчера разменуваат воздушни напади, во кои има загинати на двете страни. Израел вели дека ја започнал операцијата „Исправен лав“ за да го спречи Иран да создаде атомска бомба. Во вчерашните напади биле погодени три ирански нуклеарни постројки, при што оние во Натанз и Есфахан претрпеле значајни оштетувања, според Израел. Исто така, во нападите се убиени најмалку деветмина нуклеарни научници.
Иран изврши одмазднички воздушни напади врз Израел синоќа и утрово, при што загинаа најмалку три лица, а десетици се ранети. Израелскиот министер за одбрана Израел Кац го предупреди Иран дека „Техеран ќе гори“ доколку продолжи да истрелува проектили врз израелските цивили.