Врховниот водач ајатолахот Али Хаменеи вети дека Иран жестоко ќе се одмазди за вчерашниот двоен бомбашки напад на процесијата кон гробот на убиениот ирански генерал Касем Солејмани, во кои загинаа најмалку 84 луѓе. Властите првично објавија дека загинале 103 луѓе, но бројката потоа двапати беше ревидирана.
И покрај тоа, ова е најсмртоносниот напад во Иран од Исламската револуција во 1979 година. Никој досега не ја презеде одговорноста за нападот. Од администрацијата на Џо Бајден кажаа дека експлозиите наликуваат на терористички напади какви што во минатото изведуваше Исламска држава.
„Суровите криминалци мора да знаат како ќе се постапи со нив. Несомнено ќе има остар одговор“, изјави Али Хаменеи.
Од кабинетот на претседателот Раиси го вперија прстот кон Израел и САД. Вашингтон ги отфрли обвинувањата и кажа дека нема никакви назнаки дека Израел е вмешан во нападот.
Во изминатите години, арапски сепаратисти и сунитски џихадистички групи како Исламска држава изведуваа напади против цивилите и безбедносните сили во Иран, но никогаш со олку многу жртви. ИСИС своевремено ја поздрави смртта на Солејмани, кој загина во американски напад со дрон во Ирак, нареден од тогашниот претседател Доналд Трамп.
Вчерашниот напад во Керман се случи на четвртата годишнина од убиството на Солејмани, кој важеше за најмоќната личност во Иран по ајатолахот.