Иранските власти ја проширија забраната за шетање кучиња на низа градови во земјата, оправдувајќи го тоа со јавниот ред и безбедносните грижи.
Забраната, која прво беше воведена во Техеран во 2019, била проширена на најмалку 18 други градови во изминатата недела. Противзаконски е и да се превезуваат кучиња со автомобил.
Чување куче не се одобрува во Иран од Исламската револуција во 1979, при што властите ги сметаат кучињата за валкани и остаток од западното културно влијание. И покрај тоа, поседувањето куче е во пораст, особено кај младите, што се смета за форма на бунт против рестриктивниот ирански режим.
Иако властите често се закануваат со казни, луѓето дури и во Техеран продолжуваат да си ги шетаат кучињата на улица. Не постои национален закон кој би забранил поседување куче, но обвинителите често издаваат локални ограничувања, што ги спроведува полицијата.
„Шетање куче во јавност е закана за јавно здравје, мир и удобност“, изјави Абас Наџафи, обвинител од западниот град Хамедан.
Политичарите во исламскиот режим го сметаат поседувањето домашни миленици за неисламско. Многу религиозни научници велат дека галење кучиња или доаѓање во контакт со нивната плунка е нечисто.