ИРАНСКИ ФУНКЦИОНЕР ПОТВРДИ ДЕКА ИМАЛО КОНТАКТИ СО САД, БЕЛАТА КУЌА ВЕЛИ ДЕКА ЗАСЕГА НЕМА НАЈАВЕНИ РАЗГОВОРИ

    ИРАНСКИ ФУНКЦИОНЕР ПОТВРДИ ДЕКА ИМАЛО КОНТАКТИ СО САД, БЕЛАТА КУЌА ВЕЛИ ДЕКА ЗАСЕГА НЕМА НАЈАВЕНИ РАЗГОВОРИИран и Израел продолжија меѓусебно да се бомбардираат додека се шпекулира за можни преговори (Фото: Гети)

    Висок функционер од иранското министерство за надворешни работи изјави за „Ен-Би-Си њуз“ дека Иран примил „точки“ од САД преку посредници и дека тие се разгледуваат. Тој додал дека овој чекор е потенцијален претходник на разговорите и дека тие засега не се потврдени и не се во тек.

    Ова следува по контрадикторните изјави што доаѓаа од САД и Иран вчера. И додека Доналд Трамп тврдеше дека разговорите се веќе почнати, поради што ги одложи најавените напади врз иранските електрани за пет дена, спикерот на иранскиот парламент Мохамад Багер Галибаф кажа дека тоа се лажни вести и негираше дека се сретнал со американските преговарачи Стив Виткоф и Џаред Кушнер.

    Имавме многу силни разговори. Ќе видиме каде одат. Имаме главни точки на согласување, би рекол, речиси сите точки на согласување. Сè што велам е дека имаме реална можност за постигнување договор“, рече Трамп, без да открие со кого во Иран разговараат САД.

    Белата куќа потоа ги ублажи шпекулациите околу потенцијалните преговори помеѓу САД и Иран за завршување на војната, вклучувајќи ги наводите дека Џеј-Ди Венс ќе ја претставува американската влада на разговорите со Иран во Пакистан.

    Ситуацијата е флуидна, но не се најавени никакви формални состаноци помеѓу лидерите на САД и Иран. Ова се чувствителни дипломатски разговори и САД нема да преговараат преку медиумите. Шпекулациите за состаноците не треба да се сметаат за конечни сè додека не бидат официјално објавени од Белата куќа“, кажа портпаролката на Белата куќа, Керолајн Ливит.

    Во меѓувреме, Иран и Израел продолжија меѓусебно да се бомбардираат, при што Иранската револуционерна гарда кажа дека изјавите на Трамп се „истрошени психолошки операции кои немаат никакво влијание врз борбата на Иран“.

    Европски функционер изјави дека иако немало директни преговори помеѓу двете завојувани страни, Египет, Пакистан и земјите од Персискиот Залив пренесуваат пораки. Еден пакистански функционер изјави за „Ројтерс“ дека директни разговори за завршување на војната би можеле да се одржат во Исламабад уште оваа недела.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира