Командоси на Иранската револуционерна гарда зазедоа товарен брод што се поврзува со Израел во Ормускиот Проток, неколку дена откако Иран се закани дека ќе ја затвори областа за бродски сообраќај. Иранската новинска агенција ИРНА објави дека хеликоптер на гардата се спуштил на бродот кој пловел под португалско знаме, по што тој бил свртен кон иранските води.
Инцидентот се случи 80 километри од брегот на Обединетите Арапски Емирати и доаѓа среде растечките тензии во регионот, додека САД предупредуваат дека ирански напад врз Израел може да се случи во секој момент.
Иран се закани дека ќе му се одмазди на Израел за воздушниот напад врз иранскиот конзулат во Дамаск на 1 април, но засега е нејасно како би изгледало тоа. Американскиот претседател Џо Бајден вчера го повика Иран да се воздржи.
Киднапираниот брод „Ариес“ се поврзува со израелскиот милијардер Ејал Офер.