Иранскиот претседател Масуд Пезешкијан изјави дека Доналд Трамп нема законска основа да му ги ускрати нуклеарните права на иранскиот народ. Тој за иранската новинска агенција ИСНА рече дека Трамп тврди оти Иран не смее да ги користи овие капацитети, но притоа не објаснува за каков прекршок станува збор. Пезешкијан смета дека никој не може да лишува една нација од нејзините права.
Истовремено, главниот ирански преговарач Мохамед Багер Галибаф соопшти дека е остварен напредок во разговорите со САД што се одржаа минатиот викенд, иако и понатаму постојат значајни разлики помеѓу двете страни. Тој кажа дека и покрај поместувањето во преговорите, остануваат многу празнини и неколку фундаментални точки кои не се решени.
Според Галибаф, разликите во позициите главно се однесуваат на нуклеарната програма и на ситуацијата во Ормускиот Теснец. Иако има одреден напредок, тој објасни дека сè уште постои голема дистанца во ставовите на Вашингтон и Техеран.



