Ирскиот премиер Лео Варадкар веднаш ќе се повлече од функцијата лидер на партијата, а ќе поднесе оставка од премиерската функција штом ќе биде избран неговиот наследник. Објавувајќи ја оставката, Варадкар рече дека водењето на земјата било „најисполнет период во мојот живот“.
Тој стана најмладиот премиер на Ирска во 2017 година кога стана лидер на партијата Фаин Гаел. Во моментов ја води коалициската влада во Даблин, заедно со Фиана Фаил и Партијата на зелените.
Варадкар во денешниот говор рече дека ја „водел Ирска од невработеност до целосно вработување, од буџетски дефицит до буџетски суфицит, од штедење до просперитет“.
„Горди што ја направивме земјата поеднаква и помодерно место кога станува збор за правата на децата, ЛГБТ заедницата, еднаквоста на жените и нивната телесна автономија“, рече тој.
Во неговиот мандат како премиер, Варадкар ги распиша референдумите за промена на ирскиот Устав кој ги легализираше истополовите бракови и абортусот.
На општите избори во Ирска во 2020, Варадкар ја предводеше својата партија до третото место во однос на бројот на места во Даил Ериан, долниот дом во парламентот на земјата. Како дел од коалицискиот договор склучен меѓу партиите, беше договорено Варадкар и Мајкл Мартин да ја извршуваат функцијата премиер по две години. Во 2020, Мартин беше назначен за премиер, Варадкар беше негов заменик-премиер, а во 2022 ги заменија улогите.