ИСЛАМСКА ДРЖАВА ВЕЌЕ НЕ ПОСТОИ, НО И НАТАМУ НИКОЈ НЕ ЗНАЕ КАДЕ Е НЕЈЗИНИОТ МИСТЕРИОЗЕН ЛИДЕР

    ИСЛАМСКА ДРЖАВА ВЕЌЕ НЕ ПОСТОИ, НО И НАТАМУ НИКОЈ НЕ ЗНАЕ КАДЕ Е НЕЈЗИНИОТ МИСТЕРИОЗЕН ЛИДЕРАбу Бакр ал-Багдади се појави во јавноста само еднаш, во 2014 година во Мосул (Фото: АП)

    Исламска држава ја загуби целата територија во Ирак и Сирија што некогаш ја контролираше, но нејзиниот мистериозен самопрогласен калиф и натаму е во бегство.

    Уценет на 25 милиони долари, Абу Бакр ал-Багдади е најбараниот човек на светот. Иако изминативе години неколкупати се појавуваа информации дека е мртов, неговото живеалиште останува непознато. Тој се појави во јавноста само еднаш, во 2014 година во Мосул и оттогаш голем број негови блиски соработници се убиени.

    Иако веќе некое време важи само за симболична фигура на глобалната терористичка мрежа, неговото фаќање и натаму се смета за исклучително важно. Сепак, тој досега успеваше да ги избегне Американците, Русите, Сиријците, Ирачаните и Курдите. Од него немаше никаква трага ни откако Сириските демократски сили го освоија и последното упориште на Исламска држава во Сирија, селото Бангуз.

    „Коалицијата не го држи Ал-Багдади, ниту знае каде се наоѓа“, изјави портпаролот на американските сили во Сирија, Шон Рајан.

    Мохамед Кедер, коосновач на групата „Саунд енд пикчр“, изјави дека Ал-Багдади за последен пат бил виден во оваа област пред 15 месеци, повикувајќи се на извори од теренот.

    Ирачките разузнавачки служби веруваат дека тој се крие некаде во пустината што се протега долж сириско-ирачката граница, користејќи тунели за да се движи наоколу.

    Ал-Багдади е роден како Ибраим Авад Ибраим Али ал-Бадри ал-Самараи во 1971 во Самара, Ирак, а на ирачката ал-Каеда ѝ се придружил во 2005 година и подоцна ја стави под своја контрола. По избивањето на граѓанската војна во Сирија, тој креираше екстремистичка група и во оваа земја, позната под името Нусра фронт, по што почна да го остварува својот план за возобновување на средновековната Исламска држава или калифат, што беше прогласен во јуни 2014. Оттогаш датира и неговото единствено познато појавување во јавноста. За него последен пат се слушна во септември 2017, кога објави аудиопорака во која ги повика следбениците да ја продолжат борбата низ цел свет.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира