Последниот договор за контрола на нуклераното оружје помеѓу САД и Русија истекува утре, зголемувајќи ги стравувањата од нова трка во вооружување. Договорот „Нов старт“, потпишан во 2010, е еден од неколкуте кои требаше да спречат катастрофална нуклеарна војна.
Договорот го ограничи бројот на распоредени стратешки нуклеарни боеви глави за секоја страна на 1.550 и воспостави одредена транспарентност, вклучувајќи пренос на податоци, известувања и инспекции на самото место. Истекувањето на договорот означува крај на соработката за контрола на оружјето помеѓу Вашингтон и Москва, што помогна да се стави крај на Студената војна.
„Ако истече, истече, ќе направиме подобар договор“, кажа Доналд Трамп минатиот месец.
Оригиналниот договор „Старт“ беше потпишан во 1991 од САД и Советскиот Сојуз и им забрануваше на двете држави да распоредат повеќе од 6.000 нуклеарни боеви глави. И покрај техничката суспензија на „Нов старт“ пред три години, се сметаше дека двете земји сè уште го почитуваат договорот.
Другите долгогодишни договори за контрола на оружјето веќе не се во сила.
И САД и Русија моментално ги модернизираат своите нуклеарни сили и ги зголемуваат своите стратешки капацитети, што укажува дека нова трка во вооружување е веќе во тек.



