ИТАЛИЈА ГИ ЗАОСТРУВА МЕРКИТЕ ЗА ДА ИЗБЕГНЕ НОВ КАРАНТИН, БЕЛГИЈА ВОВЕДЕ ПОЛИЦИСКИ ЧАС

    ИТАЛИЈА ГИ ЗАОСТРУВА МЕРКИТЕ ЗА ДА ИЗБЕГНЕ НОВ КАРАНТИН, БЕЛГИЈА ВОВЕДЕ ПОЛИЦИСКИ ЧАСВо Италија веќе некое време маска мора да се носи и на отворено (Фото: ЕПА)

    Италија објави воведување нов пакет рестриктивни мерки среде наглото зголемување на бројот на нови случаи на коронавирус и премиерот Џузепе Конте, носејќи маска, кажа дека тие имаат за цел да се избегне нов карантин.

    Градоначалниците ќе имаат дозвола да затвораат јавни места и ќе се ограничат собирите и работното време на рестораните. Ова следува откако Италија вчера регистрираше 11.705 нови случаи на зараза, што претставува нов дневен рекорд.

    „Не смееме да губиме време. Мора да воведеме построги мерки за да избегнеме општо затворање, што би имало сериозни последици по економијата. Секој мора да го одработи својот дел. Најефективните мерки остануваат најосновните: маска, растојание и хигиена на рацете. Особено треба да внимаваме на ситуациите кога прелесно се опуштаме, како средби со роднини и пријатели“, кажа Конте.

    Според новите мерки, баровите и рестораните ќе работат до полноќ и заедно ќе смеат да седат само шест луѓе. Конте ги охрабри градоначалниците да ги затвораат местата каде што Италијанците сакаат да се собираат во вечерните часови и ги забрани аматерските спортски настани.

    Баровите и рестораните од денеска се затворени во Белгија, што ќе биде на сила четири недели, продажбата на алкохол ќе биде забранета после 20 часот, а од полноќ до пет часот ќе има општа забрана за движење.

    „Свесен сум дека овие мерки се многу строги. Наредните недели ќе бидат тешки и овие мерки ни се потребни за да го избегнеме полошото“, кажа белгискиот премиер Александер де Кро.

    Швајцарија воведе задолжително носење маска во затворени простори и ги забрани сите собири со повеќе од 15 луѓе.

    Чешката влада кажа дека ќе почека две недели пред да одлучи дали има потреба од воведување целосен карантин. Чешка моментално има најголема стапка на зараза во Европа.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира