Италија и Шпанија се меѓу европските земји кои од денеска продолжуваат да ги олеснуваат рестриктивните мерки воведени поради коронавирусот.
За првпат по повеќе од два месеца, во Италија ќе проработат кафулињата, баровите и рестораните, но и фризерските салони. Во Италија вчера имаше 145 починати од КОВИД-19, што е најмала бројка од воведувањето на карантинот во март.
Во Шпанија, дневната бројка починати падна под 100 за првпат откако беа воведени строгите коронамерки. И таму денеска се отвораат угостителските објекти и ќе бидат дозволени собири до десет луѓе. Сепак, мнозинството рестриктивни мерки и натаму остануваат на сила во Мадрид и Барселона, како и во северозападниот дел.
„Многу сме блиску до целосното запирање на пренесувањето на вирусот“, изјави шефот на Центарот за вонредни состојби, Фернандо Симон.
Белгија, уште една тешко погодена европска земја, денеска ги отвора основните и средните училишта, но под строги услови.