Италијанската полиција разоткрила план за формирање нова нацистичка партија и запленила значително количество оружје при претресите низ земјата.
Во истрагата која почнала пред две години учествувале полициите од 16 градови, од Сицилија до Алпите во северна Италија.
„Истрагата откри голем број различни предмети и жители на разни места, што ги поврзува истиот идеолошки фанатизам, со цел да се креира пронацистичко, ксенофобично и антисемитско движење“, се вели во соопштението на полицијата.
Таа не откри колку луѓе ѝ се придружиле на групата и колкава е бројката на уапсени. Името на новата партија било Италијанска национал-социјалистичка партија на работници. Во претресите биле пронајдени пиштоли, пушки и самострели, како и разни нацистички симболи.