Италијанскиот премиер Џузепе Конте утре ќе поднесе оставка, со надеж дека ќе добие мандат од претседателот за составување на нова влада. Доколку не успее во тоа, тоа би можело да доведе до нови избори во Италија.
„Конте утре наутро ќе ги информира своите министри дека намерава да поднесе оставка, по што ќе се види со претседателот Серџо Матарела“, соопштија од кабинетот на Конте, кој се соочи со критики за начинот на кој се справуваше со пандемијата на коронавирусот, која однесе 85.000 животи во Италија.
Конте, кој е премиер од 2018 година, преживеа гласање за доверба во парламентот минатата недела, кое уследи откако од владата се повлече партијата на бившиот премиер Матео Ренци.