ИЗБОРИТЕ ВО 2024 ЌЕ БИДАТ КОНЕЧНАТА БИТКА, КАЖА ТРАМП НА ПРВИОТ МИТИНГ ОД НЕГОВАТА КАМПАЊА

    ИЗБОРИТЕ ВО 2024 ЌЕ БИДАТ КОНЕЧНАТА БИТКА, КАЖА ТРАМП НА ПРВИОТ МИТИНГ ОД НЕГОВАТА КАМПАЊАНа неговиот профил на платформата Трут Соушл Трамп предупреди дека ќе има „смрт и уништување“ ако биде обвинет. (Фото: Трут Соушл/принтскрин)

    Поранешниот американски претседател Доналд Трамп го искористи првиот митинг од неговата кампања за изборите во 2024 година да ги нападне обвинителите кои наскоро би можеле да покренат обвинение против него.

    76-годишниот Трамп ги нарече обвинителите кои водат истрага против него „апсолутно човечко ѓубре“, речник што е невообичаен дури и за неговите провокативни стандарди.

    Неговиот настап во Вако, Тексас, се случува во период кога се очекува тој да стане првиот поранешен американски претседател против кого е покренато обвинение. Порота во Њујорк ја истражува исплатата за молчење на Трамп кон порно ѕвездата Сторми Дениелс, која тврди дека имала сексуален однос со него, нешто што тој го негира.

    Трамп неточно предвиде дека ќе биде уапсен во вторникот минатата недела и повика на протести. На неговиот профил на платформата Трут Соушл тој предупреди дека ќе има „смрт и уништување“ ако биде обвинет.

    Трамп тврди дека е наместен во неколку истраги кои, како што вели тој, се координирани од Демократите во Вашингтон и додаде дека „непријателите се очајни да го запрат“.

    „Нашите непријатели направија сè што можат да ни го скршат духот, Но, не успеаја. Тие само нè направија посилни. 2024 ќе биде финалната битка, ќе биде голема. Ако ме вратите во Белата куќа, нивното владеење ќе биде завршено и Америка повторно ќе биде слободна нација“, кажа Трамп.

    Тој исто така го нападна гувернерот на Флорида Рон ДеСантис, кој е негов најголем конкурент за номинацијата за претседателски кандидат на Републиканската партија.

    „Тој паѓа како камен и се прашувам зошто“, кажа Трамп, коментирајќи го падот на ДеСантис во анкетите.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира