ИЗРАЕЛ ГО БОМБАРДИРАШЕ НАЈГОЛЕМОТО ГАСНО ПОЛЕ НА СВЕТОТ ВО ПРВИОТ НАПАД ВРЗ ИРАНСКИТЕ ЕНЕРГЕТСКИ ПОСТРОЈКИ

    ИЗРАЕЛ ГО БОМБАРДИРАШЕ НАЈГОЛЕМОТО ГАСНО ПОЛЕ НА СВЕТОТ ВО ПРВИОТ НАПАД ВРЗ ИРАНСКИТЕ ЕНЕРГЕТСКИ ПОСТРОЈКИИранската медиуми објавија дека биле погодени резервоари за гас и делови од рафинерија (Фото: АП)

    Израел го бомбардираше огромното гасно поле Парс во првиот потврден напад врз иранската енергетска инфраструктура во Заливот од почетокот на војната. Иран потоа предупреди дека во следните часови ќе ги нападне енергетските постројки во соседните заливски земји.

    Парс е најголемото наоѓалиште на природен гас во светот, кое Иран го дели со Катар преку Заливот. Иранската новинска агенција „Фарс“ објави дека биле погодени резервоари за гас и делови од рафинерија, дека работниците биле евакуирани на безбедна локација, а екипите за итни случаи се обидуваат да изгаснат пожар.

    Израелските медиуми објавија дека нападот бил изведен со одобрение од САД. Катар, кој е близок сојузник на САД, го опиша нападот како израелски, без да ги спомне Американците. Додаде дека нападот бил опасен и неодговорен потег.

    Иранската револуционерна гарда им наложи на Саудиска Арабија, ОАЕ и Катар да евакуираат неколку енергетски објекти.

    „Овие центри станаа директни и легитимни мети и ќе бидат цел на напади во наредните часови. Затоа, од сите граѓани, жители и вработени се бара веднаш да ги напуштат овие области и да се преселат на безбедно растојание без никакво одложување“, објавија иранските државни медиуми, цитирајќи ги властите.

    Во досегашниот тек на војната, САД и Израел се воздржаа од таргетирање на иранските енергетски капацитети, при што од владата на Доналд Трамп кажаа дека нема да се напаѓа иранската енергетска инфраструктура.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира