Израелската војска објави дека почнала напади на појасот Газа како одговор на заканите од тамошната група Палестински исламски џикад (ПИЈ). Министерството за здравство на Газа кажа дека се убиени најмалку осуммина Палестинци, меѓу кои и дете и командир на ПИЈ.
Ова следува по неколку дена тензии откако Израел уапси член на ПИЈ на окупираниот Западен Брег. Од ПИЈ се заканија дека ќе го бомбардираат централниот Израел.
„Израел нема да дозволи терористички организации да поставуваат своја агенда. Секој што сака да му наштети на Израел ќе плати цена. Нашите безбедносни сили ќе дејствуваат против терористите на Исламски џихад за да ја отстранат заканата кон нашите граѓани“, изјави израелскиот премиер Јаир Лапид.
Израелските одбранбени сили кажаа дека гаѓаат цели поврзани со ПИЈ, меѓу кои е и кулата „Палестина“ во градот Газа. Меѓу загинатите се четворица припадници на ПИЈ, вклучувајќи го командирот Тајсер Џабари, но и петгодишно девојче.
„Не знаеме како ќе се одвива ова, но можеби нè очекува подолга и тешка рунда на конфликтот“, изјави израелскиот министер за внатрешни работи Ајелет Шакед.