Висок функционер на Хамас изјави дека групата го одбила предложениот американскиот план за прекин на огнот и ослободување на заложниците, за кој Белата куќа кажа дека бил прифатен од Израел.
Според планот објавен од израелските медиуми, Хамас требаше да предаде десетмина живи заложници и телата на 18-мина починати во две фази во замена за 60-дневно примирје и ослободување на палестински затвореници. Хамас кажа дека овој предлог не ги задоволува неговите суштински барања, вклучувајќи крај на војната.
Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху претходно им кажал на семејствата на заложниците дека Хамас го прифатил планот на специјалниот американски пратеник Стив Виткоф.
„Можам да потврдам дека специјалниот пратеник Виткоф и претседателот поднесоа предлог за прекин на огнот до Хамас. Израел го потпиша овој предлог пред да биде испратен до Хамас. Исто така, можам да потврдам дека разговорите продолжуваат и се надеваме дека ќе дојде до прекин на огнот во Газа за да можеме да ги вратиме сите заложници дома“, рече портпаролката на Белата куќа, Керолајн Ливит.
По два месеца примирје, Израел на 18 март наметна целосна блокада на Газа и продолжи со воените операции за да го притисне Хамас да ги ослободи преостанатите 58 заложници, од кои најмалку 20 биле живи. На 19 мај, израелската војска започна проширена офанзива со цел да преземе контрола врз цела Газа. Следниот ден, Израел објави дека ќе ја олесни блокадата и ќе дозволи внесување помош во Газа за да се спречи глад.
Речиси 4.000 луѓе загинаа во Газа во изминатите десет дена, според тамошното министерство за здравство.