Израел објави дека го убил новиот заповедник на вооруженото крило на Хамас, Мохамед Одех, во напад во Газа, неколку дена откако неговиот претходник загина во сличен напад. Најмалку тројца Палестинци загинале, а десетици се повредени, откако Израел бомбардираше станбена зграда во градот Газа.
Израелската безбедносна агенција Шин Бет објави дека зградите кои служеле како скривалиште на Одех биле нападнати откако неговото движење било следено со месеци. Нападот се случи додека прекин на огнот е во сила во Газа.
„Како дел од заедничката операција на Израелските одбранбени сили и Шин Бет за елиминирање на терористот Мохамед Одех, неколку згради во срцето на градот Газа, кои служеле како негово скривалиште, беа нападнати, по месеци разузнавачки надзор со цел да се следат неговите движења и движењата на неговите помошници во организацијата“, соопшти Шин Бет.
Очевидци изјавија дека најмалку пет проектили ја погодиле зградата од различни правци.
Од кабинетот на премиерот Бенјамин Нетанјаху кажаа дека Одех бил еден од архитектите на нападот на Хамас од 7 октомври 2023. Неговиот претходник Из ад-Дин ал-Хадад беше убиен во почетокот на овој месец.



