Меѓународната агенција за атомска енергија (ИАЕА) потврди дека во денешниот израелски напад била погодена главната иранска постројка за збогатување ураниум во Натанз во централниот дел на земјата.
„Будно ја следиме длабоко загрижувачката ситуација во Иран“, соопшти ИАЕА.
Оттаму додаваат дека иранските власти ги известиле оти не е забележано покачувањето на нивото на радијација во Натанз. Овој комплекс е сместен 225 километри од Техеран и се состои од две постројки, од кои една се наоѓа под земја.
ИАЕА кажа дека нуклеарните постројки во Исфахан и Бушехр не биле нападнати ноќеска.
Израел објави дека денешниот напад е само почеток на продолжена операција која треба да го спречи Иран да произведе атомско оружје.
„Се наоѓаме во решавачки момент во историјата на Израел. Ја лансиравме операцијата ‘Исправен лав‘, насочена воена акција за спречување на иранската закана по опстанокот на Израел. Операцијата ќе трае колку што биде потребно за да се отстрани таа закана“, изјави израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху.
Нападот уследи само ден откако ИАЕА првпат по 20 години го обвини Иран дека ги прекршува своите обврски за неширење на оружјето. Агенцијата притоа изрази загриженост за залихите на збогатен ураниум во Иран, кој може да се користи за производство на гориво за реактори, но и за нуклеарно оружје.