Доналд Трамп изјави денеска дека Израел ќе им го предаде Појасот Газа на САД по завршувањето на борбите, додавајќи дека тамошното население е веќе раселено и нема да има потреба од испраќање американски трупи.
Ден откако американскиот претседател го објави својот шокантен план за Газа, што беше осуден низ целиот свет, Израел ѝ нареди на војската да овозможи „доброволно заминување“ на жителите на Газа.
„Појасот Газа ќе им биде предаден на САД од Израел по завршувањето на борбите. Палестинците и онака веќе се раселени во регионот во побезбедни и поубави заедници, со нови и модерни домови“, напиша Трамп на својата социјална мрежа.
Израелскиот министер за одбрана Израел Кац го поздрави „храбриот план“ на Трамп.
„Жителите на Газа би требало да имаат слобода да заминат и емигрираат, како што е норма во целиот свет. Од Газа ќе може да се излезе преку копнени премини, но и преку вода и воздух“, рече Кац.
Од канцеларијата на палестинскиот претседател кажаа дека палестинските територии не се на продажба и не се инвестициски проект, откако Трамп кажа дека би ја претворил Газа во „блискоисточна ривиера“.
„Работејќи со големи развојни тимови од целиот свет, САД полека и внимателно ќе ја започнат изградбата на она што ќе стане еден од најголемите и најспектакуларни проекти од ваков вид на Земјата. Нема да бидат потребни војници од САД. Би владеела стабилност во регионот“, додаде Трамп.