Израелската војска кажа дека ќе продолжи да го спроведува прекинот на огнот во Газа по вчерашните воздушни напади, кои беа одговор на, како што кажа, грубото кршење на договорот од страна на Хамас. Нападите почнаа во јужна Газа, откако израелската војска кажа дека Хамас пукал кон нејзините трупи во Рафа, при што загинале двајца војници.
Хамас соопшти дека не е запознат со никакви судири во областа под контрола на Израел. До вечерта, Израел кажа дека погодил мети на Хамас во Газа, при што според болнички извори загинале 44 луѓе.
Хамас соопшти дека е посветен кон примирјето и го обвини Израел за негово кршење, предупредувајќи дека нападите би можеле да ја доведат ситуацијата до целосен колапс.
Израелските одбранбени сили синоќа објавија дека го обновиле спроведувањето на прекинот на огнот и дека повторно ќе дозволат достава на хуманитарна помош во Газа.
„Примирјето и натаму е во сила. Хамас изведуваше некакви пукања, но тоа можеби биле некои бунтовници во рамките на групата. Во секој случај, ќе се справиме со тоа како што треба, макар и строго“, изјави Доналд Трамп.
Вчерашните напади беа најсериозниот тест за кревкото примирје кое стапи во сила на 11 октомври. Во првата фаза беа ослободени 20-темина живи заложници и речиси 2.000 палестински затвореници, додека израелската војска се повлече од урбаните области на претходно договорената линија, но продолжува да контролира 53% од Газа.