Израел објави дека бомбардирал ирански цели во околината на главниот град на Сирија, Дамаск. Во текот на ноќната операција биле гаѓани елитните единици на Иранската револуционерна гарда, како и противвоздушната одбрана на Сирија.
Сириската војска соопшти дека повеќето од испуканите проектили биле пресретнати, но независни набљудувачи велат дека загинале најмалку 11-мина провладини борци.
Израелските одбранбени сили (ИДФ) кажаа дека реагирале откако иранските борци испукале ракета од Сирија кон окупираната Голанска висорамнина и ова е редок пример тие да признаат ваква акција во рамките на Сирија. Овојпат, ИДФ дури го најавија почетокот на операцијата на Твитер, во која учествувале израелски борбени авиони.
„Со својот вчерашен напад на израелска територија, Иран уште еднаш ги покажа своите вистински намери за присуство во Сирија, а тоа е да ги загрози државата Израел и регионалната безбедност. Владата во Дамаск е одговорна за сето она што се случува во Сирија, а со тоа дозволува и вакви напади“, се вели во соопштението на ИДФ.
Дамаск објави дека Израел бил спречен да ги оствари своите цели, додека руската војска потврди дека има штети на меѓународниот аеродром во Дамаск.