Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху изјави дека по 20 дена војна Иран веќе не е во можност да збогатува ураниум и да создава балистички проектили.
„Ќе ги уништиме во целост сите тие капацитети. Го уништивме капацитетот на Иран до таков степен што не може да го постигне она што го планираше“, кажа Нетанјаху во обраќањето до јавноста.
Тој негираше дека Израел ги вовлекол САД во војната.
„Тоа се лажни вести. Дали некој навистина мисли дека некој може да му каже на претседателот Трамп што да прави? Трамп секогаш ги носи своите одлуки за тоа што мисли дека е добро за Америка и за идните генерации. Не морав да го убедувам американскиот претседател за потребата да се спречи Иран да ја развива својата нуклеарна програма. Нашето партнерство со Трамп е единствениот начин да се избегне овој катастрофален развој“, додаде израелскиот премиер.
Запрашан дали Израел го информирал Трамп за неодамнешниот напад врз иранските гасни полиња, Нетанјаху кажа дека „Израел дејствувал сам“.
„Претседателот Трамп нè замоли да се воздржиме од идни напади и ние го сторивме тоа“, додаде тој.
Нетанјаху рече дека Иран сакал да сруши илјадници згради во Израел, но наместо тоа, тие паѓаат во Либан и Иран.
„Ќе го промениме Блискиот Исток, ви го ветувам тоа. Иран е послаб од кога било досега, додека Израел е посилен“.
Нетанјаху порача дека војната ќе трае колку што е потребно, при што ги истакна главните цели на војната.
„Тоа се отстранување на нуклеарната закана и заканата од балистички ракети, но и отстранување на двете закани пред да бидат закопани длабоко под земја и имуни на воздушни напад и создавање услови иранскиот народ да ја зграпчи својата слобода“.



