Иран лансираше балистички проектили кон Израел како одмазда за израелската воена акција против Хезболах во Либан. Израел му вети болен одговор на Иран.
Сирени за воздушна тревога се огласија низ Израел, а експлозии можеа да се слушнат во Ерусалим и во долината на реката Јордан, додека Израелците ги наполнија скривниците. Радиото на израелската војска соопшти дека Иран испукал 180 проектили кон Израел. По некое време беше објавено дека веќе нема опасност и граѓаните можат да излезат од скривниците.
Портпаролот на војската Даниел Хагари изјави дека нападот ќе има последици.
„Како што претходно јасно ѝ кажавме на меѓународната заедница, секој непријател кој го напаѓа Израел може да очекува болен одговор“, рече Хагари.
Израелската војска кажа дека нема информации дека има повредени во иранскиот напад, додека палестинската цивилна заштита на окупираниот Западен Брег кажа дека еден маж загинал близу Ерихон.
Висок ирански функционер изјави дека одлуката за нападот врз Израел била донесена од врховниот водач на Иран, ајатолахот Али Хаменеи, кој бил префрлен на безбедна локација по убиството на лидерот на Хезболах, Хасан Насралах. Техеран претходно ги известил Русија и САД дека планира да изведе напад.
Иран го нападна Израел со проектили и дронови и во април, но речиси сите биле пресретнати со помош на САД и сојузниците. Иран сега се закани дека ќе има втор бран напади, кој ќе биде поуништувачки.