Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган уште еднаш го отфрли планот на Доналд Трамп за американско преземање на Газа и за преселување на Палестинците и кажа дека Израел би требало да плати за обновата на Газа.
„Предлогот за преселување на Палестинците од земјата на која што живееле илјадници години не го сметаме за сериозен. Тоа е неприфатливо. Никој нема моќ да ги принуди Палестинците да ја доживеат втората Накба“, кажа Ердоган, мислејќи на масовното преселување на Палестинците за време на Арапско-израелската војна во 1948.
За време на посетата на Малезија, Ердоган го обвини Израел дека продолжува со своето „незаконско и непромислено однесување“.
„Израел е правно и финансиски одговорен за уништувањата во Газа, чија обнова би чинела 100 милијарди долари. Израелските власти мора да бидат казнети за уништувањето што го предизвикаа. Израел е тој кој треба да плати за обновата на Газа“, кажа Ердоган.
Тој повика на формирање нов светски поредок кој би се засновал врз мир, доверба и стабилност, а не врз страв и конфликт.