Палестинскиот режисер Хамдан Балал, чиј филм „Нема друга земја“ годинава доби Оскар за најдобар документарец, бил приведен на окупираниот Западен Брег откако почнале насилства помеѓу еврејските доселеници и Палестинците. Активистичката група Центар за еврејско ненасилство кажа дека куќата на Балал била окружена од доселениците за време на напад во селото Сусја вчера.
Корежисерот на „Нема друга земја“ Јувал Абрахам изјави дека Балал бил претепан и одведен од војници додека бил во амбулантно возило, што Израел го оспорува. Без да го спомнат Балал, Израелските одбранбени сили кажаа дека тројца Палестинци и еден Израелец биле приведени зашто фрлале камења врз безбедносните сили.
Адвокатката на Балал, Леа Тсамел, потврди дека тој е меѓу приведените. Таа кажа дека полицијата ѝ рекла дека Балал е задржан на лекување во воена база, но не успеала да стапи во контакт со него и со останатите приведени.

Басел Адра, Рејчел Сор, Хамдан Балал и Јувал Абрахам со своите оскари за „Нема друга земја“ (Фото: АП)
Петмина активисти кажаа дека десетина маскирани доселеници извршиле напад во Сусја вчера попладне.
„Кога дојдовме во селото да го документираме инцидентот и ние бевме нападнати“, рекоа активистите од Центарот за еврејско ненасилство.
Басел Адра, еден од четворицата режисери на наградуваниот филм, кажа дека сведочел на приведувањето на Балал.
„Откако се вративме од Оскарите, секој ден имаше напади врз нас. Ова би можело да биде одмазда за тоа што го снимивме филмот“, рече Адра.
„Нема друга земја“ ги следи маките на жителите на областа Масафер Јата, кои се обидуваат да ја спречат израелската војска да не ги уништи нивните села. Балал и Адра, кои потекнуваат од оваа област, го снимија филмот заедно со израелските режисери Јувал Абрахам и Рејчел Сор.