Израел ракетираше три болници и едно училиште во Газа, при што се убиени најмалку 22 луѓе, тврдат локалните власти, додавајќи дека се водат борби во уште една болница.
Очевидци изјавија за Би-Би-Си дека израелски тенкови се ближат кон три клучни болници во Газа, „Ал-Шифа“, „Ал-Кудс“ и „Индонезиска болница“ и има информации дека во нив се слушаат и експлозии. Израел потврди дека неговите сили дејствуваат близу болницата „Ал-Шифа“, а снимки од терен покажуваат дека тенкови имаат заземено позиции и кај детската болница „Ал-Рантиси“.
Амос Јадлин, поранешниот шеф на израелското воено разузнавање, изјави дека е познато дека Хамас ги сместува своите заповедни центри под болниците во Газа.
„Еден член на Хамас фатен по нападот на 7 октомври призна дека главното заповедно место на групата е под болницата ‘Ал-Шифа‘. Израелската војска верува дека вакво заповедно место има под секоја болница во Газа“, изјави Јадлин.
Сите болници се наоѓаат во северна Газа, низ која израелските копнени сили напредуваат речиси две недели.
„Израел лансираше војна против болниците во Газа“, изјави директорот на „Ал-Шифа“, Мохамад Абу Селмејах.