Стотици палестински семејства бегаат кон југот на Газа по наредбата од Израел за евакуација на 1,1 милион луѓе, додека станува јасно дека копнена офанзива во енклавата е прашање на време. Иако за тоа сѐ уште не е донесена политичка одлука, Израел распоредува десетици илјади војници и тешка артилерија долж границата со Газа.
Израелската инвазија на Газа ќе се соочи со добро утврден и опремен непријател, кој има изградено огромна мрежа тунели и во минатите војни покажал дека може да им нанесува сериозни жртви на израелските трупи. Израелските генерали имаат научено лекции од претходните копнени офанзиви во 2008 и 2014, кои исто така имаа цел да го скршат Хамас. Израел овојпат е решен да оди докрај и, како што најави, сака да го избрише Хамас од лицето на Земјата, иако признава дека тоа нема да биде брза и лесна операција.
„Уништувањето на целосните воени капацитети на Хамас бара долга операција. Најголем дел од целите, луѓето, опремата, логистиката се сместени под земја, а веројатно и заложниците“, вели еден извор од израелската војска.
Израел со години се подготвува за ваква офанзива. Неговите трупи се обучуваат во неколку милиони долари вреден центар за урбано војување на југот на земјата, наречен „мини Газа“, каде што тие учат како да се борат во лавиринт од тесно наредени згради и тунели. Токму затоа, заедно со пешадија и тенкови настапуваат и специјализирани тимови за војување во тунели, инженерија и оклопни булдожери.
„Борбите ќе бидат тешки. Хамас има поставено бројни стапици и импровизирани експлозивни направи на влезни точки и во тесни улички. Израелските трупи ќе избегнуваат влегување во тунели, особено зашто Хамас ги познава подобро“, вели генерал-мајорот Јаков Амидрор.
Се верува дека Хамас има околу 30.000 борци, опремени со автоматски пушки, рачни ракетни фрлачи и противтенковски проектили.
„Хамас сѐ уште има големо количество ракети и произведува мали дронови, но за разлика од Израел, нема тенкови, артилерија и оклопни возила“, додава Амидрор.
За разлика од претходните офанзиви, чија цел беше скротување на Хамас, Израел овојпат сака да му нанесе така силен удар што веќе нема да има воени способности да напаѓа.
„Израел не сака повторно да ја окупира Газа, па да мора да се грижи за два милиона луѓе кои се непријателски расположени кон него“, додава Амидрор.