Јапонија ќе мора да ја фрла радиоактивната вода од уништената нуклеарна централа во Фукушима во Тихи Океан бидејќи нема веќе каде да ја складира, изјави министерот за животна средина Јошијаки Харада.
Државната енергетска компамија „Тепко“ досега има собрано повеќе од милион тони контаминирана вода од цевките за ладење кои го чуваат јадрото од топење откако централата беше тешко оштетена во земјотресот и цунамито во 2011 година.
„Единствената опција е да ја истуриме водата во морето и да ја разредиме. Владата ќе дискутира за ова, но ова е моето скромно мислење“, изјави Харада.
Владата чека извештај од стручна комисија пред да донесе конечна одлука.
„‘Тепко‘ не е во позиција сам да одлучува, но ќе спроведе секоја владина одлука“, изјави портпаролот на компанијата.
Оттаму велат дека до 2022 година ќе им снема простор за натамошно складирање на водата. Харада не појасни колкаво количество вода би требало да се исфрли во океанот.