Јапонија објави дека нејзиното вселенско летало „СЛИМ“ успешно слетало на Месечината и дека комуницира со контролната соба на Земјата, но се појавиле проблеми со соларните генератори. Претседателот на Јапонската вселенска агенција (ЈАКСА), Хироши Јамакава, изјави дека тие моментално не работат, поради што леталото целосно се потпира на својата батерија.
„И натаму собираме информации за состојбата на леталото. Ни треба повеќе време за да ја разбереме ситуацијата. Веруваме дека ‘СЛИМ‘ слетал во кругот од 100 метри од предвидената цел“, кажа Јамакава.
Јапонија денеска стана петтата земја која спуштила летало на Месечината, по САД, Советски Сојуз, Кина и Индија.
„Спуштањето беше меко. Најголемиот дел од опремата функционира нормално. Главен проблем во моментов е нефункционирањето на соларните ќелии. Затоа некои системи се исклучени за да се заштеди енергија“, рече Јамакава.
Се очекува батеријата да работи неколку часа, а за тоа време, инженерите на Земјата ќе се обидат да ги оспособат соларните генератори.
„СЛИМ“ е лесно летало со големина на патнички автомобил и е резултат на две децении работа на ЈАКСА. Неговата цел е да бара назнаки за потеклото на Месечината, вклучително и анализа на минерали со специјална камера.