ЈОТОВА УБЕДЛИВО ГО ПОБЕДИ ПРОЗАПАДНИОТ КАНДИДАТ ЃУРОВ НА ПРЕТСЕДАТЕЛСКИТЕ ИЗБОРИ ВО БУГАРИЈА, КАЖА ДЕКА Е СПРЕМНА ДА РАЗГОВАРА СО ПУТИН

    ЈОТОВА УБЕДЛИВО ГО ПОБЕДИ ПРОЗАПАДНИОТ КАНДИДАТ ЃУРОВ НА ПРЕТСЕДАТЕЛСКИТЕ ИЗБОРИ ВО БУГАРИЈА, КАЖА ДЕКА Е СПРЕМНА ДА РАЗГОВАРА СО ПУТИНРадев ја поддржува Јотова и двајцата повикаа на дипломатски крај на војната во Украина (Фото: АП)

    Бугарите првпат избраа жена за претседател откако Илијана Јотова победи убедливо во вчерашниот втор круг на гласање.

    По речиси 100% преброени гласови, Јотова има освоено 57,59% гласови, додека за нејзиниот прозападен противкандидат Андреј Ѓуров гласаа 39,47% избирачи. Речиси 3% гласачи ја избраа опцијата дека не поддржуваат никого. Излезноста повторно беше ниска, само 29,1%

    Разликата помеѓу Јотова и Ѓуров во првиот круг изнесуваше само 2,6% гласови.

    Јотова беше в. д. претседателка откако Румен Радев поднесе оставка во јануари за да се кандидира за премиер. Радев ја поддржува Јотова и двајцата повикаа на дипломатски крај на војната во Украина.

    За време на кампањата, Јотова постојано повикуваше на мировен договор преку преговори со Русија, велејќи дека сака да биде „претседател на мирот“. Таа, исто така, кажа дека би била спремна да разговара со Владимир Путин доколку добие овластување за тоа од надлежните бугарски институции.

    „Сакам Бугарија да биде силна држава во рамките на силна Европа, но да има своја надворешна политика и ’рбет кога станува збор за одбрана на своите национални интереси“, изјави Јотова.

    Ваквиот исход на изборите ќе го задржи претседателството на Бугарија во рацете на политичар со корени во политичката левица. Јотова претходно беше портпаролка и висока функционерка на Бугарската социјалистичка партија.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира