Канадскиот парламент го усвои законот со кој се легализира рекреативната употреба на марихуана во земјата.
Законот ја помина и последната пречка, откако вчера беше изгласан во Сенатот со 52-29 гласови и тој контролира и регулира како канабисот ќе се одгледува, дистрибуира и продава.
Канаѓаните слободно ќе можат да купуваат и консумираат марихуана најрано од септември.
По Уругвај, Канада е втора држава во светот која целосно ја легализираше марихуаната, 17 години откако ја дозволи и нејзината медицинска употреба.
„Досега, на децата им беше лесно да дојдат до марихуана, а на криминалците да го собираат профитот. Денеска го менуваме тоа. Нашиот план за легализација на марихуана тукушто помина во Сенатот“, објави премиерот Џастин Трудо на Твитер.
Се проценува дека во 2015 година Канаѓаните потрошиле 4,5 милијарди долари на марихуана, па државата очекува огромен профит од оваа индустрија.