Петмина канадски војници кои исчезнаа по падот на хеликоптер покрај грчкиот остров Кефалонија за време на НАТО вежба се прогласени за мртви, објави канадската војска. Телото на шестиот член на екипажот е пронајдено.
Засега не е познато што е причината за уривањето на хеликоптерот од типот „сикорски ЦХ-148 сајклон“.
Хеликоптерот полетал од канадски воен брод во Јонското Море во средата и потоа се урнал во близина на Кефалонија. Војската објави дека спасувачката мисија сега е претворена во потрага по телата.
Хеликоптерот учествувал во вежба на НАТО покрај брегот на Грција, а неколку минути откако бродот изгубил контакт со него, биле забележани факели од водата.
„Да имаше преживеани, досега ќе беа пронајдени“, изјави канадскиот адмирал Крег Бејнс.