КАРАКАЧАНОВ ПОБЕДИ САМО ВО МАКЕДОНИЈА, НЕГОВАТА КОАЛИЦИЈА ОСВОИ 96 ГЛАСА

    КАРАКАЧАНОВ ПОБЕДИ САМО ВО МАКЕДОНИЈА, НЕГОВАТА КОАЛИЦИЈА ОСВОИ 96 ГЛАСАКрасимир Каракачанов и европратеникот од неговата партија Ангел Џамбаски. (Фото: Јутјуб/принтскрин)

    Коалицијата Бугарски патриоти, предводена од ВМРО-БНД на Красимир Каракачанов, на вчерашните парламентарни избори во Бугарија освои 3,2 отсто од гласовите и не успеа да го надмине прагот од 4 отсто за влез во собранието.

    Коалицијата на Каракачанов, кој беше вицепремиер и министер за одбрана во последната влада на Бојко Борисов, не помина нешто подобро ниту на гласањето во дијаспората, освен во Македонија, каде што победи убедливо со 37,21 отсто. Сепак, тоа се само 96 гласа, според првичните неофицијални резултати на бугарската Централна изборна комисија.

    Второпласирана на гласањето во Македонија е ГЕРБ на Борисов со 24,03 отсто, или 62 гласа. Партијата Има таков народ на Слави Трифонов, која победи убедливо речиси секаде во дијаспората, во Македонија освои само 8,53 отсто, или 22 гласа.

    И повторените парламентарни избори во Бугарија вчера не успеаја да донесат јасен победник, па повторно ќе оди тешко формирање влада. ГЕРБ на Бојко Борисов и Има таков народ на Слави Трифонов се израмнети на околу 24 отсто, а третопласирана е БСП со околу 13 отсто.

    На партиите на протестот, како што ги нарекуваат Има таков народ, Демократска Бугарија и Исправи се, мафијата надвор ќе им недостасуваат 5-10 пратенички места за да формираат влада. Од друга страна, речиси е невозможна коалиција на ГЕРБ и БСП.

    ЧИТАЊЕТО Е БЕСПЛАТНО.

    АМА НОВИНАРСТВОТО НЕ Е.

    Поддржете го слободното, независно, професионално новинарство. Новинарство со интегритет.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира