Поранешниот лидер на Каталонија Карлес Пучдемон денеска беше уапсен од германската полиција, која што дејствуваше по Европски налог за апсење. Пучдемон, кој е баран во Шпанија за противдржавно делување и бунт, беше уапсен на пат од Данска кон Белгија, кажа неговиот адвокат. Пучдемон беше во посета на Финска од четвртокот.
Тој живее во самонаметнат егзил во Белгија откако каталонскиот парламент унилатерално прогласи независност од Шпанија во октомври. Тој се соочува со 30 години затвор во Шпанија според обвинението за бунт и противдржавно делување.
„Претседателот беше на пат за Белгија за да се стави, како и секогаш, на располагање на белгиската правда“, изјави неговиот портпарол Жоан Марија Пике за агенцијата „Ројтерс“.
Германската полиција соопшти дека Пучдемон бил уапсен од патрола на автопат во северната покраина Шлезвиг-Холштајн, близу границата со Данска.
Тензиите во Каталонија се многу високи и нејзините сепаратистички лидери ги напуштија плановите да именуваат нов претседател по апсењето на последниот кандидат Жорди Турул. Во петокот вечер имаше протести во Барселона откако Врховниот суд донесе одлука дека на 25 каталонски лидери треба да им се суди за бунт.