КАТАСТРОФАЛНИ ПОПЛАВИ ВО БИХ, ИМА ЗАГИНАТИ И ИСЧЕЗНАТИ

    КАТАСТРОФАЛНИ ПОПЛАВИ ВО БИХ, ИМА ЗАГИНАТИ И ИСЧЕЗНАТИНајкритична е ситуацијата во Јабланица и околните села (Фото: Дмевни аваз)

    Поплави со катастрофални последици го погодија Херцеговско-неретванскиот кантон во БиХ, првенствено општините Јабланица и Коњиц, при што има загинати и исчезнати. Јабланица е целосно отсечена, а полицијата го блокираше патот од Мостар кон овој град поради тешките услови.

    „Засега непотврдените информации велат дека има петмина загинати во невремето во Јабланица. Врнежите во изминатите 24 часа им создадоа големи потешкотии на жителите во неколку општини. Поради поплави и одрони загрозено е многубројно население. Покрај информациите дека има загинати, има и голем број исчезнати и повредени“, изјави Мајда Ковач, портпаролката на Федералната управа за цивилна заштита.

    Министерот за одбрана Зукан Хелез потврди дека војската е ангажирана во спасувањето.

    „Сообраќајните, телефонските и интернетските врски се во прекин. Има урнати мостови, однесени автомобили и блокирани патишта“, додаде Ковач.

    Најкритична е ситуацијата во Јабланица и околните села, каде што има голем број свлечишта, одрони и поплавени домови.

    „Немаме доволно опрема и механизација. Ситуацијата е многу тешка. Ова е апокалиптично“, изјави Ренато Пејхак, началникот на Крешево, една од поплавените општини.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира