Доналд Трамп најави засилување на бомбардирањата на Иран, ветувајќи дека мета ќе бидат нови групи и луѓе. Ова следува откако иранскиот претседател Масуд Пезешкијан го отфрли неговиот повик за безусловно предавање.
„Иран веќе не е насилникот на Блиски Исток. Сега е губитникот на Блиски Исток“, напиша Трамп на својата социјална мрежа.
Тој го оцени јавното извинување на Пезешкијан кон соседните земји како знак дека Иран се предал. Пезешкијан денеска кажа дека Иран жали за одмаздничките напади врз соседните земји и додаде дека војската повеќе нема да ги напаѓа освен ако тие не нападнат први.
И покрај тоа, Иранците и денеска лансираа проектили и дронови кон Обединетите Арапски Емирати, Бахреин и Саудиска Арабија.
„Американската војска наскоро ќе ги засили нападите. Ќе го удриме Иран многу силно. Пентагон ќе го прошири својот опсег на цели на групи и луѓе кои досега не беа разгледувани за таргетирање“, рече Трамп.
Белата куќа во изминатите денови даваше различни оправдувања и цели за војната со Иран, пред Трамп да појасни дека предавање значи целосен пораз на иранските вооружени сили.
„Американските напади значително ги оштетија воените капацитети на Иран. Уништивме 42 ирански воени бродови за три дена. Воената кампања против Иран е голем успех“, рече Трамп и го пофали својот министер за одбрана Пит Хегсет.
„Пит, ти си фантастичен! Одлично ја вршиш работата. Горд сум на тебе“.



