ЌЕ ЈА НОСИТЕ НА ДУША МИРКА ГИНОВА, КАЖА ЦИПРАС НА РАСПРАВАТА ЗА ДОГОВОРОТ ОД ПРЕСПА ВО ГРЧКИОТ ПАРЛАМЕНТ

    ЌЕ ЈА НОСИТЕ НА ДУША МИРКА ГИНОВА, КАЖА ЦИПРАС НА РАСПРАВАТА ЗА ДОГОВОРОТ ОД ПРЕСПА ВО ГРЧКИОТ ПАРЛАМЕНТЧленови на грчката Комунистичка партија (ККЕ) вчера закачија паноа со натписи на грчки и англиски против Договорот од Преспа близу храмот Партенон на ридот Акропол. (Фото: АП)

    Грчкиот премиер Алексис Ципрас ги потсети пратениците на Комунистичката партија (ККЕ) во грчкиот парламент на, како што кажа тој, „славомакедонскиот буквар што комунистите го делеа во Ташкент на децата на славомакедонските борци на ДАГ, 70-те илјади бегалци од Граѓанската војна и на Славомакедонката Мирка Гинова, првата жена стрелана во Граѓанската војна во Грција“. Ципрас, во синоќешното обраќање за време на расправата за ратификација на Договорот од Преспа, им кажа на пратеници од ККЕ, кои се против Договорот од Преспа, дека ќе ги остави сами да се справат „со овие грижи на совест што ги имате“.

    Мирка Гинова е антифашистичка хероина од Егејска Македонија, осудена на смрт со стрелање на 26 јули 1946 година во Ениџе-Вардарско. Ципрас ја именуваше со македонското име, и со името Ирини Гини со кое ѝ се обраќале членовите на грчката Комунистичка партија.

    „Не сакам да се осврнам ниту на славомакедонскиот Буквар што комунистите го делеа во Ташкент на децата на славомакедонските борци на Демократската армија на Грција. Не сакам да се осврнам на 70.000 бегалци од Граѓанската војна кои грчката држава ги лиши од правото во 1983 година да се вратат во нивната татковина. Ниту ќе се осврнам на Славомакедонката Ирини Гини-Мирка Гинова, првата жена стрелана во Граѓанската војна, комунистка. Со овие грижи на совест што ги имате, да си се справите сами. Ќе говорам политички, нема да се осврнам на историјата на Комунистичката партија на Грција“, кажа Ципрас во грчкиот парламент.

    Ципрас му одговори и на лидерот на опозициската Нова демократија Кирјакос Мицотакис за тврдењата дека дозволиле македонски јазик и македонска националност.

    „Не сме дозволиле македонски јазик, бидејќи македонскиот јазик не е наш да го даваме. Аристотел го учел Александар Велики на грчки, не на македонски. Ниту македонската националност е наша да ја даваме. И самото користење на зборот „дозволуваме“ укажува на илузијата на величина што произлегува од вашиот национализам. Луѓето кои живеат во северна Грција се Грци. Но, ова веќе припаѓа во областа на психоанализата и јас секако немам да намера да бидам ваш психијатар“, кажа Ципрас во обраќањето до Мицотакис и кажа дека обвинувањата на грчкиот опозицискиот лидер се исти како оние на ВМРО-ДПМНЕ за Заев.

    Грчкиот парламент денекса во 14.30 треба да гласа за ратификација на Договорот од Преспа, со кој треба да се стави крај на 27-годишниот спор за името помеѓу Грција и Македонија и кој, меѓу другото, предвидува новото име на државата да биде Република Северна Македонија.

    ЧИТАЊЕТО Е БЕСПЛАТНО.

    АМА НОВИНАРСТВОТО НЕ Е.

    Поддржете го слободното, независно, професионално новинарство. Новинарство со интегритет.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира