ЌЕ ЈА ЗАБРАНИМЕ ОПОЗИЦИЈАТА АКО ПОБЕДИМЕ НА ИЗБОРИТЕ, ВЕТИ ОСНОВАЧОТ НА ВЛАДЕЈАЧКАТА ПАРТИЈА ВО ГРУЗИЈА

    ЌЕ ЈА ЗАБРАНИМЕ ОПОЗИЦИЈАТА АКО ПОБЕДИМЕ НА ИЗБОРИТЕ, ВЕТИ ОСНОВАЧОТ НА ВЛАДЕЈАЧКАТА ПАРТИЈА ВО ГРУЗИЈАИако ретко се појавува во јавност, Биѕина Иванишвили се смета за најмоќната личност во земјата (Фото: АФП)

    Биѕина Иванишвили, основачот на владејачката партија во Грузија, Грузиски сон, вети дека ќе ги забрани опозициските партии ако неговата партија победи на парламентарните избори овој викенд.

    Ако освоиме мнозинство во парламентот ќе ги натераме опозициските партии да платат за своите злосторства извршени врз грузискиот народ. Тие се непријатели на народот и државата“, кажа Иванишвили на синоќешниот голем провладин митинг во Тбилиси.

    Тој не појасни за какви злосторства станува збор, но ја обвини опозицијата дека сакала да ја вовлече земјата во војната во Украина и дека го саботирала обидот за придружување кон Европска Унија, процес што Брисел го стопираше оваа година.

    Ние избираме мир, место војна“, рече Иванишвили, милијардер и бивш премиер на Грузија.

    Иако ретко се појавува во јавност, Иванишвили се смета за најмоќната личност во земјата, која има 3.7 милиони жители. Грузија водеше петдневна војна со Русија во 2008 и 20% од земјата и натаму се окупирани.

    Последните анкети велат дека Грузиски сон ќе победи на изборите, но четирите опозициски партии заедно ќе освојат повеќе гласови. Како и неодамнешниот референдум во Молдавија, и овие избори во Грузија се сметаат за избор помеѓу Русија и Европа.

    Одбиваме да бидеме нечии вазали и да исполнуваме туѓи желби“, кажа градоначалникот на Тбилиси и генерален секретар на Грузиски сон, Каха Калаѕе, кој ги обвини „таканаречените пријатели на Грузија“ за директно мешање во претстојните избори.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира