ЌЕ СЕ БОРИМЕ ЗА МАРИУПОЛ И ДОНБАС ДОКРАЈ, ВЕЛИ КИЕВ

    ЌЕ СЕ БОРИМЕ ЗА МАРИУПОЛ И ДОНБАС ДОКРАЈ, ВЕЛИ КИЕВРуската војска тврди дека го контролира речиси целиот Мариупол (Фото: АФП)

    Премиерот Денис Шмихал изјави дека украинските сили ќе го бранат Мариупол докрај, а претседателот Володимир Зеленски порача дека немаат намера да го предадат Донбас, додека руските трупи ги засилуваат нападите на истокот на земјата.

    Москва вчера им даде неколкучасовен ултиматум на преостанатите бранители на Мариупол да го положат оружјето и да се предадат, но тие не го испочитуваа тоа. Руската војска тврди дека го контролира речиси целиот град, додека украинските борци даваат отпор од огромната челичарница „Азовстал“.

    „Градот сè уште не паднал. Таму сè уште има наши војници и тие ќе се борат докрај. Тие и натаму се во Мариупол“, изјави Шмихал.

    Зеленски ја обвини Русија дека сака да го уништи целиот источен регион Донбас.

    „Руските трупи се подготвуваат за офанзива на истокот на земјата во блиска иднина. Тие буквално сакаат да збришат и уништат Донбас. Чиниме сè за да ја зацврстиме одбраната. Украина и нејзиниот народ се јасни: не сме зеле ничија територија и немаме намера да се откажеме од нашата“, кажа Зеленски.

    Гувернерот на Луганск, Серхиј Гајдај, уште еднаш ги повика жителите да се евакуираат.

    „Оваа недела ќе биде многу тешка. Ова е можеби последната шанса да ве спасиме“, напиша Гајдај на Фејсбук.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира