Украинските власти денеска го размонтираа големиот споменик во центарот на Киев кој го симболизираше пријателството помеѓу Русија и Украина. Осум метри високата бронзена статуа, која прикажуваше руски и украински работник, беше поставена под огромниот титаниумски Лак на пријателството на народите, подигнат во 1982, во чест на 60-годишнината на Советски Сојуз.
„Сега гледаме какво е тоа пријателство: уништување украински градови, убивање десетици илјади мирни цивили. Убеден сум дека ваков споменик сега има сосема поинакво значење“, кажа градоначалникот на Киев, Витали Кличко.
Тој додаде дека лакот ќе остане, но ќе биде преименуван во Лак на слободата на украинскиот народ.
Ова е првиот од 60 слични споменици што ќе бидат отстранети во Киев заради „декомунизација и дерусификација на главниот град“, како што кажаа градските власти.
„Русите ја уништија нашата врска, го уништија пријателството помеѓу двете држави. Бевме во Советски Сојуз и не сакаме да се враќаме назад. Не сакаме да живееме во држава во која што не се почитуваат човекови права“, кажа Кличко.