Киев ја обвини Русија дека прави воено злосторство со егзекуција на украински војници кои сигнализирале намера да се предадат.
Кусо видео објавено на „Телеграм“ покажува како двајца војници излегуваат од засолниште, еден со кренати раце, пред да легнат на земха пред друга група војници. Потоа се слуша пукање и се појавува чад, пред видеото нагло да прекине. За ова видео се смета дека е од околината на Авдивка во источна Украина, каде што се водат жестоки борби.
Украинскиот омбудсман за човекови права Дмитро Лубинец го нарече инцидентот воено злосторство.
„Денеска, видео со егзекуција од руски војници на украински војници кои се предале како затвореници се појави онлајн. Ова е уште едно нарушување на Женевската конвенција и непочитување на меѓународното хуманитарно право“, вели Лубинец.
Лубинец додаде дека украинските војници биле разоружани и со кренати раце и не претставувале никаква закана.
„Руската страна требаше да ги зароби и да им даде статус на воени затвореници“, рече тој.