Кога нема струја, што се случува често, висококатниците во Киев изгледаат како смртоносни стапици. Нема светло и вода, не може да се зготви јадење, ниту да се користи лифт во случај на руски ракетен напад. Дури и кога ќе дојде струја, тоа не трае долго.
„Руските напади ја втурнаа Украина во Среден век. Во изминатите 24 часа имавме струја само половина час. Нашата зграда има 26 ката и е највисока во областа, со што е лесна мета за руските проектили. Свесни сме дека нè очекува долга, студена и мрачна зима, но ќе издржиме“, вели 25-годишната Анастасија Пироженко.
Ситуацијата во Киев и другите поголеми градови значително се влоши по најголемиот руски напад на енергетскиот систем на Украина досега, што се случи минатиот вторник. Компанијата „Укренерго“ кажа дека 40% од населението се соочува со тешкотии поради штетите на најмалку 15 големи енергетски центри низ земјата.
„Исклучувањата би можеле да траат од неколку часа до неколку дена, па она што ни треба оваа зима се отпорност и храброст“, порачуваат од „Укренерго“.
Оттаму додаваат дека моментално не работат илјадници километри клучни високонапонски линии. Минатата недела, претседателот Зеленски кажа дека 10 милиони Украинци немале струја, но викендов состојбата малку се подобрила. Откако вчера имало редукции во 15 региони, плус Киев, денеска ќе бидат погодени сите области.
Наглиот студен бран и првиот снег дополнително ја закомплицираа ситуацијата во Киев. Во градот со три милиони жители, властите ќе отворат 528 пунктови за заедничко загревање. Граѓаните тука ќе можат да бидат на топло, да пијат чај, да си ги наполнат телефоните и да добијат друга неопходна помош. Поради недостиг на струја, нарушен е и јавниот превоз, а многу мали продавници не можат да работат.
Најголем дел од болниците веќе добија генератори и досега не беа погодени од исклучувањата. Со генератори се опремени и образовните установи и социјалните служби.
„Спремни сме да живееме без струја, но не со Русите“, додава Пироженко.