Ким Џонг-ун им оддаде почит на севернокорејските војници кои загинаа во руската војна против Украина, што е ретко јавно признание дека земјата имала жртви во овој конфликт.
На свеченоста во Пјонгјанг со која беше одбележана првата годишнина од потпишувањето на договорот за сеопфатна соработка помеѓу Русија и Северна Кореја беа прикажани фотографии од Ким како се поклонува пред десетина ковчези покриени со севернокорејски знамиња. Други фотографии покажаа руски и севернокорејски војници како позираат заедно.
Нејасно е кога се случила церемонијата на враќањето на останките.
Пјонгјанг со месеци негираше дека испратил војници во Русија, па, според аналитичарите, властите сега сакаат да го прикажат тоа на позитивен начин.
„Северна Кореја веројатно сака да ги претстави загинатите војници не само како жртви, туку и како дел од победнички наратив“, изјави Хонг Мин, истражувач од Корејскиот институт за национално обединување.
Ова е првпат државните медиуми да објават снимки и фотографии од војници кои биле испратени да се борат во рускиот регион Курск. Владимир Путин првпат го потврди ова во април.
Сеул процени дека Северна Кореја испратила околу 15.000 војници во Русија, при што имала 4.700 жртви, од кои 600 загинати. Јужнокорејските разузнавачи велат дека се планирани дополнителни распоредувања летово, иако засега нема докази дека тоа е во тек.