Ким Џонг Ун го поканил Владимир Путин во Северна Кореја за време на нивната вчерашна средба на космодромот Восточни на далечниот исток на Русија. Севернокорејската новинска агенција КЦНА извести дека Ким му рекол на Путин дека нивната средба ги издигнала односите помеѓу двете земји на ново ниво и изразил подготвеност за нивно зацврстување за следните 100 години.
Пјонгјанг објави дека Путин ја прифатил поканата да ја посети Северна Кореја, за што засега нема потврда од Кремљ. Од почетокот на руската инвазија, Путин многу ретко излегуваше надвор од Русија, додека за Ким ова беше прво меѓународно патување од 2019.
По средбата со Ким, Путин изјави дека разговарале за можности за воена соработка и најави дека Русија би можела да ѝ помогне на Северна Кореја да развие сателити. САД велат дека Москва се обидува да купи оружје и муниција за војната во Украина и предупредија дека секоја помош за сателитската програма на Северна Кореја би значела кршење на резолуциите на Советот за безбедност на Обединетите нации.
Ким денеска ќе ја продолжи својата турнеја низ Русија, при што ќе ги посети воените и воздухопловните фабрики во градот Комсомолск и руската пацифичка флота во Владивосток.