Лидерите на Јужна и на Северна Кореја, Мун Џае-Ин и Ким Џонг-Ун, потпишаа заедничка декларација, со која ја изразија својата посветеност кон целосна денуклеаризација на полуостровот. Таа, исто така, треба да биде следена од мировен договор, со кој и официјално ќе се стави крај на Корејската војна по цели 65 години.
„Веќе нема да има војна на корејскиот полуостров и со тоа почнува една нова ера на мир. Двете Кореи имаат заедничка цел, а тоа е полуостров без нуклеарно оружје“, се вели во нивната изјава.
Мун притоа најави дека ќе го посети Пјонгјанг на есен.
Заедничката изјава, потпишана во селото Панмуџон, ги содржи и следниве точки:
- Двете земји се согласија да се отвори заедничка канцеларија за врски, која ќе служи за директни консултации на двете влади.
- Заедничко учество на двете Кореи на спортски манифестации.
- Организирање на повторно обединување на семејствата од двете страни на границата.
- Претворање на пограничната демилитаризирана зона во мировна зона, при што од 1 мај ќе се прекине со пропагандни емитувања.
- Прекинување на сите непријателски активности помеѓу двете земји.