КИНА ГИ ОТВОРА ГРАНИЦИТЕ ПО ТРИ ГОДИНИ ДОДЕКА ГО БЕЛЕЖИ НАЈГОЛЕМОТО ШИРЕЊЕ НА КОРОНАВИРУСОТ ДОСЕГА

    КИНА ГИ ОТВОРА ГРАНИЦИТЕ ПО ТРИ ГОДИНИ ДОДЕКА ГО БЕЛЕЖИ НАЈГОЛЕМОТО ШИРЕЊЕ НА КОРОНАВИРУСОТ ДОСЕГАКина во неделата престана да ги објавува дневните податоци за ковид-19 (Фото: Гети)

    Кина ќе го укине задолжителниот карантин за патниците кои влегуваат во земјата од 8 јануари, што е последното значајно отстапување од досегашната строга нулта ковид политика. По речиси три години затворени граници, во Кина повторно ќе можат да влезат оние со работни и студентски визи или оние кои одат во семејна посета.

    Сепак, ова се случува во периодот кога Кина бележи големо ширење на коронавирусот откако властите ги укинаа речиси сите ограничувања и мерки. Извештаите од Кина велат дека болниците се преплавени со пациенти. Вистинските бројки на заразени и починати моментално се непознати зашто властите во неделата престанаа да ги објавуваат податоците на дневна база.

    Британската фирма за здравствени податоци „Ерфинити“ процени дека дневно во Кина има над милион новозаразени и 5.000 починати од ковид-19.

    Кина е последната голема светска економија која одлучи да живее со коронавирусот по три години карантини, затворени граници и строги мерки. Сепак, за разлика од остатокот на светот, населението нема развиено имунитет, на што се должат сегашните високи бројки.

    Националната здравствена комисија вчера објави дека ковид-19 и официјално ќе биде деградиран во заразна болест од Б-класа, што значи дека оние кои влегуваат во земјата нема да одат во карантин, но ќе мора да направат ПЦР тест. Ќе се укине и ограничувањето на бројот на дневни летови кон Кина.

    Засега е непознато како ќе се регулираат туристичките визи, што прво ќе се тестира на меѓународни бродови за крстарење.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира