Кинеските државни нафтени компании ги прекинале набавките на руска нафта по морски пат откако САД воведоа санкции за „Роснефт“ и „Лукоил“, двете најголеми руски нафтени компании, кажаа за „Ројтерс“ повеќе трговски извори.
Во исто време, и рафинериите во Индија, најголемиот купувач на руска нафта по морски пат, се подготвуваат значително да го намалат увозот на сурова нафта од Русија за да се усогласат со санкциите на САД, воведени поради одбивањето на Владимир Путин да ги прекине борбите во Украина на сегашните линии на фронтот.
Остар пад на побарувачката на нафта од Кина и Индија ќе влијае врз руските приходи од нафта и ќе ги принуди најголемите светски увозници да бараат алтернативни резерви, што може да ги зголеми глобалните цени.
Кинеските нафтени компании „ПетроКина“, „Синопек“, „ЦНООЦ“ и „Женхуа оил“ ќе се воздржат од тргување со руска нафта барем на краток рок поради загриженост од санкциите, велат изворите. Кина преку море увезува околу 1,4 милиони барели руска нафта дневно, но поголемиот дел од тоа го купуваат независни рафинерии, вклучувајќи мали оператори.
Владимир Путин изјави дека Русија никогаш нема да потклекне на притисокот од САД, но призна дека новите санкции би можеле да предизвикаат економски проблеми. Тој ги опиша американските санкции како „непријателски чин што не придонесува за зајакнување на руско-американските односи“.
„Ова е обид за вршење притисок врз Русија, но залудно. Ниту една земја која се почитува себеси никогаш не прави ништо под притисок. Иако новите санкции нема да имаат значително влијание врз Русија, сепак се очекуваат некои загуби“, рече Путин.