Русија и Кина го одобрија новиот гасовод „Моќта на Сибир 2“, но сè уште не се согласиле за цената, соопшти „Газпром“. Цевководот, низ кој во иднина ќе поминуваат 50 милијарди кубни метри гас годишно, ќе поминува до Кина преку Монголија од арктичките наоѓалишта во Јамал.
Ова ќе му помогне на најголемиот потрошувач на енергија во светот да се заштити од идна зависност од американскиот течен природен гас.
Извршниот директор на „Газпром“, Алексеј Милер, го најави „правно обврзувачкиот меморандум“ за изградба на „Моќта на Сибир 2“ откако кинескиот претседател Шји Џинпинг, рускиот претседател Владимир Путин и индискиот претседател Нарендра Моди имаа заедничка средба на самитот на Шангајската организација за соработка во кинескиот град Тијанџин.
Милер рече дека е постигнат договор за зголемување на испораките преку постојниот гасовод „Моќта на Сибир“, кој се протега 3.000 километри од Источен Сибир до Кина, од 38 на 44 милијарди кубни метри годишно. Но, цената на гасот што ќе се испорачува преку новиот гасовод ќе биде договорена одделно, кажа Милер. Не е објавено кога ќе почне неговата изградба.
„Изградбата на гасовод од огромните гасни полиња Бованенково и Харасавеј во северна Русија преку дивината на Сибир до Монголија, а потоа до Кина би бил најголемиот и најкапитален проект за гас во светот“, рече Милер.
Кина е најголемиот трговски партнер на Русија, најголем купувач на руска сурова нафта и руски гас, втор најголем купувач на руски јаглен и трет најголем купувач на руски течен природен гас, според Кремљ.