Кинeско вселенско летало без екипаж слета на далечната (темна) страна на Месечината, надминувајќи ја клучната пречка во неговата значајна мисија за првпат да извади примероци од карпи и почва од темната лунарна хемисфера. Слетувањето го издигнува статусот на кинеската вселенска моќ во глобалниот налет на Месечината, каде што земјите, меѓу кои и САД, се надеваат дека ќе ги искористат минералите на Месечината за таму да одржат долгорочни мисии на астронаути и бази во следната деценија.
Леталото Чанг’е-6, опремено со низа алатки и сопствен лансер, падна во огромен кратер наречен Јужен Пол-Аиткен Басен на страната на Месечината свртена кон вселената синоќа во 22.23 часот по Гринич или (утрово во 6.23 часот по пекиншко време), соопшти кинеската Национална вселенска администрација. Мисијата „вклучува многу инженерски иновации, високи ризици и големи тешкотии“, се вели во соопштението на агенцијата. „Товарите што ги носи лендерот Чанг’е-6 ќе работат според планираното и ќе извршуваат научни истражувачки мисии“.
За Кина ова е втора успешната мисија на темната страна на Месечината, регион каде што не стигнала ниту една друга земја. Страната на Месечината која постојано е свртена подалеку од Земјата е испреплетена со длабоки и темни кратери, што ги прави комуникациите и операциите за слетување со роботи потешки. Со оглед на овие предизвици, лунарните и вселенските експерти вклучени во мисијата Чанг’е-6 ја опишаа фазата на слетување како момент каде што шансата за неуспех е најголема.
„Слетувањето на далечната страна на Месечината е многу тешко затоа што немате визуелна комуникација, се потпирате на многу алки во синџирот за да контролирате што се случува, или морате да автоматизирате што се случува“, рече Нил Мелвил-Кени, технички службеник во Европската вселенска агенција што работи со Кина на еден од товарите Чанг’е-6. „Автоматизацијата е многу тешка особено на големи географски широчини бидејќи имате долги сенки што може да бидат многу збунувачки за слетувачите“, додаде Мелвил.
Сондата Чанг’е-6 беше лансирана на 3 мај на кинеската ракета Лонг марч 5 од центарот за лансирање на сателити Венчанг на јужниот остров Хаинан, а стигна во близина на Месечината приближно една недела подоцна и почна подготовки за слетување.
Чанг’е-6 го означува третото слетување на Месечината во светот оваа година: јапонскиот лендер СЛИМ слета во јануари, а следниот месец следеше лендер од американската стартап компанија „Интуитив машинс“.
Другите земји кои испратија вселенски летала до најблискиот сосед на Земјата се тогашниот Советски Сојуз и Индија. САД се единствената земја што спушти луѓе на Месечината, почнувајќи со мисијата од 1969 година.